Циметот е еден од најпопуларните зачини во светот, а се добива од внатрешната кора на неколку видови дрвја од родот Cinnamomum.
Главно се користи како ароматичен зачин при приготвување на слатки и солени јадења, кај нас пред се за колачи, а се додава во житариците со појадок, потоа во чајот и традиционалните јадења од азиската кујна.
Се користи илјадници години како „народен лек“ на Исток, кој не треба да се користи без консултација со лекар. Модерната наука дури неодамна ги потврди здравствените придобивки од циметот, така што имаме уште многу да научиме за него.
Сепак, откриено е дека има многу причини да додадете малку цимет во вашата редовна исхрана. Така, бројни истражувања го покажале неговото благотворно дејство на голем број состојби во организмот, а еве кој би можел посебно да ја почувствува неговата моќ.
Луѓе кои се грижат за здравјето на срцето
Циметот е поврзан со намален ризик од срцеви заболувања, што е водечка причина за смрт во светот, наведе Светската здравствена организација во својот извештај во 2019 година.
Според една студија објавена во 2021 година во медицинското списание Critical Reviews in Food Science and Nutrition, дополнувањето со најмалку 1,5 грама цимет или околу 3/4 лажичка цимет дневно може да помогне во намалувањето на триглицеридите, вкупниот холестерол, лошиот (LDL) холестерол и шеќер во крвта кај луѓе со метаболички болести.
Луѓе кои имаат зголемен ризик за развој на дијабетес
Инсулинот е еден од клучните хормони кои го регулираат метаболизмот и употребата на енергија, а исто така е неопходен за транспорт на гликоза во крвта од крвотокот до клетките.
Сепак, некои луѓе се отпорни на инсулин, а оваа отпорност на инсулин често се поврзува со метаболички синдром и дијабетес тип 2. Иако се потребни повеќе истражувања, Healthline известува дека некои студии сугерираат дека циметот може да ја намали отпорноста на инсулин.
Покрај овој корисен ефект, циметот може да помогне во намалувањето на шеќерот во крвта преку неколку механизми:
– Докажано е дека циметот го намалува количеството на шеќер што влегува во крвотокот по оброкот, кој делува така што ги попречува ензимите за варење, а со тоа го забавува разградувањето на јаглехидратите во дигестивниот тракт.
– Соединението во циметот може да ги имитира ефектите на инсулинот за да го подобри внесувањето на шеќер во клетките, заклучи студијата објавена во 2022 година во списанието Nutrients.
Луѓе кои се плашат од невродегенеративни болести
Невродегенеративните болести се карактеризираат со прогресивно губење на структурата или функцијата на нервните клетки, а најчести се Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест.
Според една студија објавена во 2018 година во списанието Pharmacological Research, одредени соединенија кои се наоѓаат во циметот ја инхибираат акумулацијата на т.н. тау протеин, кој е еден од белезите на Алцхајмеровата болест.
Исто така, во 2014 година, беше објавена студија во Журналот за невроимуна фармакологија, во која се наведува дека циметот помогнал во заштитата на невроните, нормализирање на нивото на невротрансмитери и подобрување на моторните вештини кај глувците со Паркинсонова болест.