Меган Маркл и принцот Хари ја прославија крштевката на нивната ќерка принцезата Лилибет Дијана. Војводата и војвотката од Сасекс минатиот петок ја организираа крштевката на нивната 21-месечна ќерка на мала, интимна церемонија во нивниот дом во Монтесито, Калифорнија, ексклузивно дознава магазинот People.
„Можам да потврдам дека принцезата Лилибет Дијана беше крстена во петокот, на 3 март, а ја крсти надбискупот на Лос Анџелес, пречесниот Џон Тејлор“, изјави медиумскиот претставник на кралската двојка откако новинарите на американските медиуми ги контактираа.
Дополнителни информации откри упатен извор кој вели дека Меган и Хари испратиле покани до дедото кралот Чарлс, неговата сопруга кралицата Камила, како и вујкото и тетката принцот Вилијам и Кејт Мидлтон, но британските роднини не дошле.
Инсајдерот откри дека на церемонијата дошле меѓу 20 и 30 гости, меѓу кои и мајката на Меган, Дорија Рагланд, како и кумот на Лилибет, Тајлер Пери, а девојчето има и кума, чие име засега не е познато. По церемонијата, гостите уживаа во храната и танцувањето попладне – во кое особено се истакнале Арчи и неговата сестра.
Откако нивниот дедо станал владетел на Обединетото Кралство, по смртта на кралицата Елизабета Втора минатиот септември, 3-годишниот Арчи и неговата помлада сестра Лилибет ги добија титулите принц и принцеза, според правилото воведено од кралот Џорџ V уште во 1917 година.