Agua frescas се популарни мексикански пијалоци за кои се вели дека уживале древните Ацтеки, а се омилени во текот на летото, кога сонцето пече. Се што ви треба за „свежата вода“ е овошје по ваш избор, вода и малку шеќер, но по желба можете да го искомплицирате рецептот со цветови кои се јадат, зачини или со додавање на алкохол како рум или вотка.
Но, идејата е мексиканската вода да биде лесна, питка и да ја задоволи вашата жед. Поради оваа причина често се додаваат листови нане и малку сок од лимета. Лубеница, папаја, диња, хибискус, па дури и ориз се некои од омилените варијации на тема популарниот мексикански пијалок, а особено вкусна е „водата од јагоди“.
Состојки:
300 гр јагоди
400 мл вода
2 лажици шеќер
2 лажички сок од лимета
мраз
Подготовка:
Извадете ги стеблата од јагодите, пресечете ги на половина или грубо исечкајте ги. Во блендер ставете ги јагодите, водата, шеќерот и сокот од лимета и матете додека убаво не се соедини во изедначена смеса. Прилагодете ја количината на шеќер и вода на саканиот вкус и конзистентност.
По желба процедете ја смесата и послужете со мраз.