На мозокот му требаат хранливи материи и практикување здрави навики, а доколку не му го дадете тоа, доаѓа до сериозен проблем, односно може да дојде до пропаѓање на мозочните клетки.
Недоволно сон
Добриот сон е пресуден за здравјето, а особено за мозокот. Додека спиеме, мозокот заздравува, а недостигот од квалитетен сон го инхибира тој процес и го прави мозокот почувствителен на оштетувања.
Според истражувањата, повеќе од една третина од луѓето спијат помалку од седум часа, и покрај тоа што за оптимално здравје потребни се 7-8 и пол часа сон дневно. Освен тоа, недостигот на сон предизвикува и пропаѓање на мозокот и мозочните клетки.
Сонот ја зголемува продуктивноста, па неговиот недостиг би можел да го намали потребното време за довршување некои задачи.
Недостиг на социјална интеракција
Разговорот е неверојатно корисен за мозокот. Процесот во кој треба да се изразат мислите и чувствата е одличен тренинг за мозокот. Истражувањата потврдиле дека 10 минути разговор со друга личност дневно го подобрува помнењето и другите когнитивни функции.
Исто така, утврдено е дека повисокото ниво на социјална интеракција резултира со подобро когнитивно функционирање.
Живееме во време кога интеракцијата очи в очи се’ повеќе се заменува со дигитални текстови или сурфање на интернет. Но недостигот на вистинска лична интеракција не само што му ја ограничува на мозокот можноста да вежба, туку и доведува до голема осаменост и депресија, ментални состојби што значително го нарушуваат здравјето на мозокот.
Пушење
Во кората на големиот мозок се одвиваат важни мисловни процеси како што се помнење, учење јазици и перцепција. Никотинот од цигарите го забрзува намалувањето на мозочната кора и може да придонесе за развој на Алцхајмерова болест.
Престанувањето со пушење доведува до заздравување на кортексот, но тоа е бавно и често непотполно, па затоа најдобро е никогаш да не почнувате со пушење. Ако е предоцна за тоа, сепак се исплати да престанете, бидејќи секоја мозочна клетка е важна.
Прејадување и лоша храна
Прехранбените навики што се сметаат за добри за телото се добри и за мозокот, а премногу сол, шеќер, алкохол или лоша храна, значително го загрозуваат здравјето на мозокот.
Сол – Големата количина на сол влијае врз покачувањето на крвниот притисок, а високиот притисок го зголемува ризикот од мозочен удар и предизвикува стални трауми во мозокот, што резултира со намалена когнитивна функција.
Шеќер – Постои силна врска помеѓу консумирањето шеќер и намалената когнитивна функција. Истражувањата докажале дека шеќерот негативно влијае врз структурата и функцијата на мозокот, а го загрозува и формирањето долгорочна меморија и учење.
Алкохол – Истражувањето утврдиле дека кај луѓето што консумираат умерена количина алкохол (15-20 пијалаци неделно) постои три пати поголема веројатност дека ќе имаат оштетување во подрачјето на мозокот одговорно за помнење и просторна навигација. Добрата вест е што за разлика од никотинот, оние што престануваат со пиење можат да го вратат мозокот во нормала.
Повременото консумирање на наброените производи нема да направи трајна штета, но животниот стил што се заснова на лоши навики го загрозува целото здравје. Според невролозите, зголеменото внесување калории и лошиот избор на храна директно се поврзани со зголемен ризик од когнитивни оштетувања и Алцхајмерова болест.
Недоволна физичка активност
Редовното вежбање е добро за здравјето, а истражувањата ги докажале и предностите на вежбите за човечкиот мозок.
Одењето, трчањето и тренингот со тегови го подобруваат здравјето на мозокот и дејствуваат на:
Подобрување на здравјето на хипокампусот – делот од мозокот поврзан со помнење и учење
Зголемување на невропластичноста, односно способноста на мозокот да се менува како што учиме и стекнуваме нови искуства
Зајакнување на крвните садови што резултира со подобар проток на крвта, а тоа помага да се сопре насобирањето плак, кој е поврзан со деменција
Подобрување на функциите, способноста за организирање и интерпретацијата на информациите, менување на белата материја на начин што им помага на мозочните клетки да се поврзат.