Конечно е објавен долгоочекуваниот трејлер за „Барби“, на кој се гледа ѕвездата Маргот Роби како го носи легендарниот костим за капење првпат виден на оригиналната кукла Барби.
Во разиграниот клип, Марго е претставена во црно-бел едноделен костим за капење без прерамки со бели мачкасти очила за сонце и кадрави шишки. Овој изглед е реконструкција на изгледот на првата „Барби“ од 1959 година.
Првата кукла „Барби“ дебитирала на 9 март 1959 година на американскиот меѓународен саем за играчки во Њујорк. Таа била рекламирана како „тинејџерски модел“ во бел и црн костим за капење, руса коса во опавче, потпетици што не се откачуваат и носела очила за сонце што може да се отстранат на врвот на главата или може да ги држи во нејзината рака.
Нејзината големина била во стандардна скала 1/6 од возрасно човечко тело, висока 29 сантиметри. Дизајнот на облеката го креирала модната дизајнерка на Mattel, Шарлот Џонсон, а производството било спроведено во Јапонија, каде парчињата облека биле рачно шиени од јапонски домашни работници.
Костимите за капење од 1950-тите се особено популарни меѓу винтиџ модните колекционери и лесно се препознаваат по нивната цврста конструкција, внатрешната конструкција налик на корсет и скромната покриеност на бикини линијата. Повеќето ја истакнуваат силуетата на песочниот часовник, што целосно одговара на моделот што го носеше првата „барбика“.