Сигурно имате личност во животот, мајка, баба, пријателка која има омилен парфем кој е нејзин заштитен знак.
Многу жени имаат парфем кој им е адут во посебни пригоди, како романтична вечера со партнерот или поминување на викендот со пријателите. Во такви ситуации го вадат тоа магично шише од шкафот и ставаат капките по кои сите ги препознаваат.
Од друга страна, има и такви жени кои купуваат шише парфем што им се допаѓа, го нанесуваат секој ден и така до половина од шишето, а потоа им здосадува и почнуваат да бараат нешто ново.
Доколку спаѓате во втората група, а би сакале конечно да имате парфем кој ќе ви биде заштитен знак, на оваа патека можеби ќе ви помогнат советите на експертите за парфеми Серано-Меклаин и Александра Белахутис кои ви ги претставуваме во продолжение.
Треба да знаете што сакате
Додека пробувате парфеми, ако премногу пати се прашувате дали сакате некој мирис или не, веројатно не ви се допаѓа. Како што објаснува Александра, кога навистина ви се допаѓа мирисот или вкусот на нешто, тоа обично го знаете веднаш. Сепак, таа признава дека со текот на времето можеме да ги засакаме некои мириси, па ги остава сите опции отворени.
Не купувајте парфем веднаш штом ќе го пробате
Влеговте во парфимерија и најдовте победнички парфем, мирис за кој сте убедени дека може да стане ваш заштитен знак? Откако ќе го пробате и ќе се воодушевите, не купувајте, туку излезете од парфимеријата.
Кога ќе го нанесете парфемот, продолжете со другите обврски и внимавајте како се развиваат мирисните ноти со текот на времето. Искористете го времето за да проверите како вашата кожа реагира на парфемот. Ако ви се допаѓа развојот на ситуацијата, вратете се по шишенцето со парфем.
Направете го мирисот компатибилен со други производи
Александра вели дека не сака да биде одговорна за трендот кога луѓето повеќе не се капат и не ставаат дезодоранси, но препорачува да користите производи со природни ароми како лаванда или цитрус, кои нема да се судрат со вашиот парфем. Друга опција е да користите сапун без мирис.
Парфемот треба да го нагласи она што веќе сте: дали сте разиграна, весела личност која ќе се одлучи за свежи цветни мириси, или се чувствувате како моќна заводлива жена, па ќе изберете нешто посилно.