Рецепт за масло од лаванда – еве како сами да го направите за нега на кожа и коса, а се користи и за помош при несоница.
Може ли нешто да биде порелаксирачко од опојниот мирис на лаванда? Маслото од ова прекрасно цветно растение се користи во служба на убавината и здравјето, а особено е популарно во ароматерапијата. Маслото од лаванда е корисно за здравје и нега на кожата: ги смирува изгорениците, ја обновува кожата и делува против стресот на кожата, се користи во масажи, има антигабично, антивоспалително и антибактериско дејство. Може да се нанесува на кожата при осип, убоди и каснувања, а се користи и за заштита од инсекти, особено од комарци.
Доколку имате проблем со несоница, маслото од лаванда се препорачува пред спиење за полесно и подобро да заспиете. Можете да нанесете малку од него на надлактицата и да вдишете додека не заспиете. Во комбинација со кокосово масло, лавандата е одличен третман за нега на коса и може да го намали опаѓањето. Се користи како маска, треба добро да се втрие во косата, да отстои и да делува.
Ви пренесуваме едноставен рецепт за масло од лаванда во комбинација со моќно кокосово масло:
Состојки:
30 гр сушена лаванда
280 гр течно кокосово масло
Подготовка:
Исечете доволно лаванда за да направите 30 грама сушена или купете веќе исушена лаванда. Доколку сами ја сушите, закачете ги исечените цветови наопаку за да висат на суво и темно место околу две до четири недели. Истурете ја сувата лаванда во стаклена тегла, па прелијте ја со кокосово масло за да биде целосно покриена. Теглата цврсто затворете ја, а потоа протресете ја. Теглата чувајте ја до прозорец (но не на директна сончева светлина), треба да отстои 7 до 10 дена и протресувајте ја секој ден.
Процедете со цедалка или крпа, а потоа истурете ја смесата во чиста стаклена тегла. Чувајте го маслото на ладно и темно место – може да трае до една година.