Италијанската модна куќа „Прада“, моментално е најпопуларниот бренд во светот, на неодамнешната модна недела во Милано ја воодушеви публиката со интересна комбинација на текстил и јапонската уметност оригами.
Необичните детали од свила, памук, кожа кои најдоа свое место на облеката, изгледаат неверојатно убаво на чевлите, а оваа декорација најде место дури и на поканите за гостите.
Креаторите Мијуча Прада и Раф Симонс, како што пишува модниот критичар, веќе ја оправдуваат титулата најпопуларен бренд, која пристигна на крајот на минатата година.
Оригами балетанките и здолништата на „Прада“ веќе станаа голем хит, судејќи по социјалните мрежи.
Цветните апликации на белите здолништа многумина ги поврзуваат со модели на свадбена колекција, а во комбинација со џемпери од кашмир и волнени сакоа веќе даваат идеја за сосема нова пригода.
Моделите се носат во секоја пригода.
– Оваа колекција е инспирирана од идејата за убавина. Но, секогаш кога зборуваме на некоја тема, јас и Мијуча се обидуваме да излеземе од дадените шаблони и да следиме што им треба на луѓето. Затоа во колекцијата имаме елегантни здолништа за посебни пригоди, како свадби, кои лесно стануваат секојдневна облека – изјави Раф Симонс.