Научниците анализираа повеќе од 200 марки млеко од бадем, овес и соја што се продаваат во САД и нивната содржина на калциум, витамин Д и протеини и заклучија дека повеќето од овие растителни млека всушност не се толку добри за нас како „вистинското“ млеко.
Утврдено е дека речиси девет од десет млека од растително потекло се нутритивно инфериорни во однос на кравјото млеко.
– Нашите резултати даваат доказ дека многу алтернативи на растително млеко не се нутриционистички еквивалентни на кравјото млеко – заклучи д-р Абигејл Џонсон, епидемиолог кој ја водеше студијата.
Во студијата, научниците прегледале 233 марки на растително млеко, вклучувајќи млеко од лешник, ориз и индиски ореви, произведено од 23 компании. Како краен резултат, се покажа дека млекото од растително потекло има во просек околу 350 милиграми калциум, три микрограми витамин Д и два грама протеини на 240 милилитри млеко.
За споредба, американското Министерство за земјоделство вели дека полномасното млеко содржи околу осум грама протеини, околу 306 милиграми калциум и речиси три микрограми витамин Д на порција млеко од 240 милилитри.
Резултатите покажаа дека само 28 алтернативи од растителна основа имаат слични количини или повеќе од секоја супстанција во споредба со кравјото млеко, а само 38, или 16 отсто, имале иста количина на протеини како и кравјото млеко.
Според Дејли Мејл, се препорачува возрасен кој троши околу 2.000 калории дневно да консумира околу 50 грама протеини, што значи дека просечниот човек би морал да испие околу еден и пол литар кравјо млеко – што е еквивалентно до шест чаши. Доколку би се потпирале само на алтернативи од растително млеко, би требало да потрошат 6,2 литри – еквивалент на 25 чаши – за да го достигнат истото ниво.
Студијата беше претставена на конференцијата NUTRITION 2023 организирана од Американското здружение за исхрана, што се одржува оваа недела во Бостон, Масачусетс. Алтернативите за млеко се зголемија во популарност во последниве години поради загриженоста за климатските промени, нетолеранцијата на лактоза и благосостојбата на животните.