Некои од најпознатите светски атракции се наоѓаат во Италија. Колосеумот во Рим, кривата кула во Пиза, катедралата во Милано се само некои од нив.
Но, токму затоа многу локации во земјава се соочуваат со проблеми на прекумерен туризам.
Можеби затоа треба да истражите некои помалку посетени италијански дестинации, кои исто така имаат што да им понудат на туристите од целиот свет.
На само нешто повеќе од 50 километри од Милано, Бергамо станува се поатрактивна дестинација во Италија. Дотолку повеќе што се работи за град кој годинава се закити со титулата главен град на културата на Италија.
Богато културно и историско наследство
Бидејќи Бергамо одигра значајна улога во формирањето на идентитетот на земјата, но и на културата во Италија, овој град на врвот на еден рид, опкружен со ѕидови од средниот век, ја носи титулата главен град на културата на Италија за 2023 година, заедно со градот Бреша.
Често занемарен, пред се поради близината до Милано, кој со своите бројни атракции привлекува значителен број туристи од целиот свет, Бергамо е дестинација која допрва треба подобро да се открие.
Она што се издвојува како предност при посетата на овој италијански град е тоа што туристите не наидуваат на непријатности кои се лесно видливи во дестинациите со преголем број посети, посочуваат од „Travelofpath“.
Tempio Capitolino, римски храм кој заедно со остатоците од римскиот театар е најголемата атракција на Бреша, бил изграден од императорот Веспазијан во првиот век.
Што да се види во Бергамо?
Иако градот практично се состои од два дела, симболично наречени Горен и Долен Бергамо, „Citta Alta“, односно горниот дел на градот, се смета за поинтересен.
Сè поголем број љубители на културно-историските знаменитости секоја година го посетуваат овој дел на Бергамо, бидејќи го содржи и стариот центар на градот и е вклучен во листата на светско културно наследство на УНЕСКО.
Покрај средновековната тврдина во горниот дел на градот, може да се видат и калдрмани улици и величествени градби. Меѓу нив се издвојува богато украсената катедрала која се наоѓа на главниот плоштад.
На највисоката точка на градот се наоѓа замокот „Castello di San Vigilio“. Покрај уживањето во понудата на ресторанот, на посетителите им се нуди и можност да пешачат по романтичните патеки до надворешните ѕидови на оваа зграда. Не помалку интересна е базиликата Санта Марија Маџоре, изградена во 12 век како музеј или капелата „Colleoni“ која се наоѓа веднаш до неа.
Сигурно не треба да пропуштите да поминете низ една од портите на Горниот град. Портата Сан Џакомо поврзува два дела од овој интересен италијански град со пешачки мост.
Конечно, за многумина особено важна е гастрономската понуда на Бергамо, која ги воодушевува туристите од целиот свет. Познатиот сладолед Страчатела е еден од светски познатите кои потекнуваат од овој град.