Новата година започна лошо за актерот Џереми Ренер (51), најпознат по улогата во серијата на Marvel „Hawkeye“, но и по улогата во акциониот хит „The Bourne Legacy“.
Имено, тој на 1 јануари доживеал несреќа додека чистел снег пред куќата, по што итно бил пренесен во болница.
Сепак, конечно се откриени деталите како се случила несреќата.
Додека Ренер го чистел снегот, откажале безбедносните делови на машината, па таа се превртела и му ја прегазила ногата. Кога неговиот сосед, кој по професија е доктор, видел што се случило, веднаш му пришол на помош и му ја преврзал ногата за што побрзо да престане крварењето.
Меѓутоа, Ренер изгубил големо количество крв и веднаш бил префрлен со хеликоптер во болница.
Според неофицијални информации, познатиот актер е во критична, но стабилна состојба.
„Неговото семејство е со него и во болница ја добива сета потребна нега“, соопштено е.
„Дејли мејл“ се обиде да стапи во контакт со компанијата што ја произведува машината што го повреди славниот актер, но сè уште не се огласиле.
Во меѓувреме, даде изјава и шерифот на округот Ваш, каде што беше повреден Ренер.
„Околу 09:00 часот добивме пријава. По пристигнувањето на терен, со хеликоптер го организиравме транспортот на Џереми Ренер до болницата. Освен него, во инцидентот немаше ниту едно друго лице. Тимот за истрага на несреќата во нашиот округот моментално ги истражува околностите што довеле до инцидентот“, беше соопштено.
Ренер има една ќерка од бракот со поранешната сопруга Соња Пачеко.