Обвинителството на Ново Мексико го отфрли обвинението против Алек Болдвин за употреба на огнено оружје, што значи дека ќе ја избегне максималната казна што му се закануваше за смртта на снимателката Халина Хачинс, која ја застрела во октомври 2021 година на сетот на филмот „Rust“, пишува TMZ.
По тоа обвинение, Болдвин се соочи со минимум пет години затвор. По повлекувањето на обвинението, останува во сила обвинението за убиство од небрежност, за што останува во сила казната од 18 месеци затвор и паричната казна од 5.000 долари.
TMZ пренесува дека актерот би можел да добие помала казна, па дури и да биде пуштен на условна слобода.
Пресвртот дојде откако адвокатот на актерот возврати со тужба посочувајќи дека актерот е обвинет според закон кој не е во сила. Во моментот на пукањето на снимањето на „Rust“ важеше закон кој вели дека некој може да биде обвинет за употреба на огнено оружје само ако оружјето било изложено со намера да заплаши или повреди одредено лице, што не било случајот со Болдвин.
Обвинителството поради некоја причина сметаше дека може да се примени амандман кој не бара таква цел, а кој беше усвоен седум месеци по трагедијата, пишува ТМЗ.
Да потсетиме, минатиот месец беа поднесени две обвиненија против Алек Болдвин, за убиство од небрежност и употреба на огнено оружје. Кога ќе се додаде ова второ обвинение, тоа значително влијае на висината на казната.
Истите обвиненија беа покренати и против Хана Гутиерез Рид, која беше задолжена за реквизитите на сетот. И таа и Болдвин негираат дека сториле нешто лошо. Тие нема да бидат обвинети за ранувањето на режисерот Даниел Соуза, иако тој беше погоден од истиот куршум што ја уби Халина Хачинс.