Понекогаш на вишокот килограми не влијае само прекумерното внесување храна
Губењето на вишокот килограми никогаш не е лесна задача, но на многу луѓе им се случува и покрај строгите диети, правилната исхрана и редовното вежбање, сепак да не успеат да ослабат.
Како што објаснува телевизискиот лекар Мајкл Мозли за „The Sun“, постојат неколку грешки кои несвесно ги правиме, а придонесуваат за зголемување на телесната тежина, односно го саботираме нашето слабеење.
Не ги добиваме потребните хранливи материи
Иако можеби јадеме цели и здрави оброци, ако после тоа сè уште се чувствуваме гладно, тоа може да значи дека не ги добиваме потребните хранливи материи од нашата сопствена исхрана, објаснува д-р Мозли.
На пример, можеби јадеме премногу рафинирани јаглехидрати или премалку протеини, масти или влакна. Мозли ја препорачува медитеранската исхрана како најдобар избор.
Не спиеме доволно
Недостатокот на сон може да предизвика промени во апетитот, објаснува Мозли. Ова се случува затоа што два хормони под влијание на спиењето, лептин и грелин, заедно управуваат со нашиот апетит. Според д-р Мозли, недостатокот на сон, исто така, може да го отежне спротивставувањето на нездравата храна и да не „присили“ да јадеме дури и кога воопшто не сме гладни.
Не пиеме доволно вода
Д-р Мозли објаснува како дехидратацијата понекогаш може да се замени со чувство на глад.
„Не само што дехидратацијата може да доведе до глад во текот на денот, туку може да доведе и до јадење повеќе за време на оброците“, тврди докторот.
Јадеме премногу брзо
Многумина од нас јадат пребрзо, но д-р Мозли предупредува дека тоа често може да резултира со прејадување. Имено, ако не јадеме доволно бавно, нашиот мозок нема време да ја обработи информацијата дека сме сити, поради што јадеме повеќе отколку што можеби ни е потребно.