Очите на светот се вперени во британското кралско семејство оваа недела бидејќи во сабота се одржува историското крунисување
Кралот Чарлс и неговата сопруга Камила ќе се качат на тронот како официјални крал и кралица. Во овие моменти многумина ќе се сеќаваат на саканата принцеза Дијана, поранешната сопруга на кралот Чарлс.
Пол Бурел, поранешниот батлер на Дијана, сподели досега невидено писмо од покојната принцеза од Велс, напишано помеѓу 1993 и 1997 година.
Покојната принцеза, која почина на 36 години во 1997 година, му напишала писмо на својот поранешен батлер, Пол Бурел, кој сега за прв пат ја сподели пораката. Пол (64) беше батлер на Дијана 10 години и рече дека таа ја напишала белешката помеѓу 1993 и 1997 година – откако таа и сегашниот крал Чарлс се разделија во 1992 година, пишува „Мирор“.
Дел од рачно напишаното писмо беше споделено за „ОК!“ списанието и гласи:
– Толку сакам монархијата да опстане и да ги направи промените што ќе бидат потребни за да се постави се на нов и здрав колосек.
Во друг извадок од писмото, Дијана зборува за љубовта кон нејзините синови, принцот Вилијам и принцот Хари.
– Тука сум да ја поддржам кралицата и да ги подигнам Вилијам и Хари да се справат со брзо менувачкиот свет во кој живееме. Ги сакам моите момчиња до смрт и се надевам дека семките што ги засадив ќе пораснат и ќе донесат сила, знаење и стабилност што се потребни – е дел од писмото на принцезата Дијана, пренесува „Мирор“.
Пол рече дека зборовите на Дијана биле потресни 25 години по нејзината смрт.
– Сакав да го видите ракописот на Дијана и нејзините зборови. Затоа што тие се толку потресни во моментов, поврзани со крунисувањето и со фактот дека таа била монархистка. Таа го сакаше кралското семејство и сакаше кралското семејство да преживее.
Во меѓувреме, поранешниот кралски батлер рече дека мисли дека Дијана би го поддржала Чарлс (74) да стане крал и би присуствувала на крунисувањето, кое ќе се одржи во сабота, на 6-ти мај. Размислувајќи за настанот, тој рече:
– Секогаш мислам: „Што би направила таа во оваа ситуација? И таа би изгледала прекрасно на крунисувањето, во нејзините шеесетти години. Мислам дека таа воопшто не би имала никакво непријателство кон нејзиниот поранешен сопруг или кон сопругата на нејзиниот поранешен сопруг. Мислам дека би продолжила со својот живот и би ги остварила своите амбиции.