Фотографијата на овогодинешната божиќна честитка од семејството на принцот Вилијам, идниот крал, е прилично големо отстапување од нивната традиција. Имено, обичај е членовите на кралското семејство да изберат фотографија која им се допаѓа направена во текот на изминатата година на отворено, но овој пат се одлучиле за позирана фотографија во студиски услови и тоа – црно-бела.
Фотографот Џош Шинер ги сликал претходно оваа година и ги прикажува Кејт и Вилијам како позираат со нивните три деца – принцот Џорџ (10), принцезата Шарлот (8) и принцот Луис (5). Сите се лежерно облечени во панталони и откопчани бели кошули, далеку од секаква традиција, особено кралска, а фотографијата е направена во Виндзор, каде семејството годинава се пресели од Лондон.
И изминатата година беше значајна за Вилијам и Кејт, бидејќи парот дополнително ги презема нивните високи кралски улоги како принц и принцеза од Велс. Клучното место на Вилијам во редот на наследувањето беше подвлечено на денот на крунисувањето на кралот Чарлс, кога тој клекна пред својот татко за да му оддаде почит откако беше крунисан.
Но, иако се искачија на кралската „скала“ веднаш до врвот, Кејт и Вилијам покажуваат дека ќе бидат многу пополезни владетели од нивните претходници. Не само со едноставното и пристапно однесување, туку и со празничната честитка која покажува нормално, модерно младо семејство.