
Многу диететичари и инфлуенсери инсистираат дека најдобриот начин да го започнете денот е да испиете чаша топла или млака вода со малку сок од лимон.
Како и секој тренд, така и овој е проследен со приказна за низа „чудесни“ ефекти кои водата со лимон наводно му ги дава на телото, почнувајќи од детоксикација, преку губење на вишокот килограми, па завршувајќи со поубав тен.
Која е, всушност, вистината?
Според списанието „Love Your Self“, популарната комбинација на вода со малку сок од лимон во некои случаи може да биде корисна, но во други може да предизвика непријатност.
Предности:
1. Скапоцен витамин Ц
Лимоните се добар извор на витамин Ц, суштинска хранлива материја која го поддржува имунолошкиот систем, го промовира заздравувањето на раните и му помага на нашето тело да го апсорбира железото, истовремено намалувајќи го ризикот од инфекција.
Исто така, витаминот Ц е важен за производството на колаген, протеин кој ја поддржува структурата и еластичноста на кожата, правејќи ја убава и сјајна.
2. Варење
Влакната кои се наоѓаат во лимоните можат да помогнат во спречување на запек и подобрување на функцијата на цревата.
Ако имате бавна перисталтика, може да ви помогне чаша млака вода со малку исцеден лимон на празен стомак.
3. Детоксикација
Бубрезите и црниот дроб го детоксифицираат телото 24/7. Зошто се нагласува дека топлата вода со лимон е идеална за детоксикација?
Веројатно затоа што сокот од лимон може да ги стимулира црниот дроб и бубрезите да ги филтрираат токсините од телото.
4. Слабеење
Пиењето топла или млака вода со лимон многумина го користат за губење на тежината. Сепак, треба да се знае дека тоа не е доволно за некој кој има прекумерна тежина да ослабне без да ја промени исхраната и да се занимава со физичка активност.
Можни негативни ефекти:
1. Здравје на забите
Бидејќи лимоните се кисели, со текот на времето можат да ја оштетат забната глеѓ, што доведува до чувствителност на забите.
2. Дигестивни проблеми
Ако пиете големи количини топла или млака вода со лимон, може да почувствувате киселини, надуеност или вознемирен стомак, особено ако веќе имате гастроинтестинални проблеми.
3. Несакани ефекти од лекови
Водата со лимон може да го попречи дејството на некои лекови, како што се, на пример, лекови за намалување на високиот крвен притисок или лекови за ублажување на алергии.
Затоа, пред да одлучите топлата вода со лимон да биде дел од вашата дневна рутина, треба да разговарате со вашиот лекар за тоа.
4. Ризик од дехидрација
Можеби звучи необично, но ако наутро испиете чаша топла вода со лимон, а во текот на денот не консумирате доволно обична вода, телото може да дехидрира. Ова се случува затоа што и топлата вода и лимонот се силни диуретици.