Топла чорба е секогаш добра идеја, особено кога надвор е дождлив и мрачен ден. Ова вкусно јадење има значително количество протеини, иако во него нема ниту едно парче месо.
Чорбата се готви околу 40 минути, а главната состојка е зелената леќа која е богата со протеини од растително потекло – во сто грама варена леќа ќе најдете околу девет грама протеини. Ако користите црвена леќа наместо зелена, можете да го намалите времето за готвење на половина.
Овој рецепт е идеален за искористување на зеленчукот што го имате во фрижидер или во оставата. Ако немате кељ – додадете листови спанаќ. Наместо моркови, можете да исечкате пиперки. Наместо обичен компир, можете да ставите и сладок компир. Поиграјте си со омилената храна и зачини, нема да згрешите.
Состојки:
2 литри бујон од зеленчук
200 гр сува зелена леќа
200 гр кељ
2 големи компири
2 моркови
2-3 чешниња лук
1 кромид
1 лажица доматен концентрат
1 лажичка мелен ким
1 лажичка димена пиперка во прав
½ лимон или лимета
сол и бибер по желба
растително масло за пржење
Подготовка:
Во поголемо тенџере загрејте малку масло и во него издинстајте ги исечканите кромид и морков. Варете околу 5 до 7 минути, додека зеленчукот не омекне.
Додадете сецкан лук и пржете сè заедно околу половина минута.
Додадете го доматниот концентрат, сè добро измешајте и динстајте околу една минута.
Покријте го садот со супа од зеленчук. Измешајте го.
Додадете ги излупените компири исечкани на коцки, леќата која претходно сте ја измиле во вода и ја исцедивте и зачините (ким, папрака, сол, бибер).
Гответе сè заедно околу половина час, додека не се свари леќата.
Кон крајот на готвењето додајте кељ без стебло, искинато на помали парчиња. Ставете го во манџата кратко да омекне.
Чорбата послужете ја топла со малку исцеден сок од лимон или лимета со парче домашен леб. Добар апетит!