Тина Тарнер, легендарната пејачка позната по хитовите како „Proud Mary“, „What’s Love Got to Do With It“, „The Best“ и „Private Dancer“, почина во својот дом во близина на Цирих по тешко боледување. Тажната вест за заминувањето на рок кралицата го потврди и нејзиниот портпарол, кој нагласи дека изгубивме музичка легенда и модел.
Само шест недели пред смртта, во последното интервју Тина изјави дека сака да остане запаметена како кралица на рокенролот. Во тоа интервју за „The Guardian“, таа призна дека не се плаши од смртта и дека сака да биде запаметена како жена која им покажала на другите жени дека е во ред да се стремите кон успех под ваши услови. Во интервјуто, познатата пејачка се пошегува дека на прашањето дали сака повеќе секс, пари или слава, таа одговорила: „Има ли друга опција за моите години“. Сепак, таа призна дека ужива во анонимноста што и ја донело пензионирањето.
Тарнер живеела со својот сопруг Ервин Бах, со кого се омажила во 2013 година по речиси три децении врска, а останала со двата сина. Нејзиниот живот бил обележан со трагедии, вклучувајќи ја и смртта на нејзините два сина.
Меѓу првите кои тагуваа за нејзината смрт беше Мик Џегер, со кого имаше неверојатна хемија на сцената и за кого тврдеше дека го научила да танцува.
“Длабоко сум тажен поради смртта на мојата прекрасна пријателка Тина Тарнер. Таа беше неверојатно талентиран изведувач и пејачка. Беше инспиративна, смешна, љубезна и добронамерна. Ми помагаше кога бев млада и никогаш нема да го заборавам тоа. “ напиша Џегер.
Тина Тарнер е родена во 1939 година во Тенеси како Ана-Меј Булок, а ниту турбулентното детство ниту подоцна злоупотребата во нејзиниот брак не ја спречија да стане легендарна музичарка. Таа се прослави преку соработката со Ајк Тарнер, нејзиниот поранешен сопруг, но зад нивниот успех се крие насилството кое го трпела во таа врска. Двојката се разведе во 1978 година. Решила јавно да проговори за сето она што го доживеала, а била решена и самата да успее, особено заради четирите сина што ги одгледувала.
„Сакав луѓето да престанат да мислат дека јас и Ајк сме позитивен пример, дека сме толку добар тим“, објаснила Тарнер во документарецот за нејзиниот живот. Тина успеа во својот план – до почетокот на 80-тите беше музичка ѕвезда, а одличните настапи со Мик Џегер и Дејвид Боуви дополнително ја зајакнаа нејзината моќ на музичката сцена. Наградите почнаа да доаѓаат, а набрзо таа доби ѕвезда на Булеварот на славните. Во текот на нејзината кариера, Тина има освоено осум Греми и три Греми награди за животно дело. Својот последен концерт го одржа во Англија во 2009 година.