Акните не се само карактеристика на пубертетот, туку и чест придружник во светот на возрасните.
Всушност, имате многу поголеми шанси да имате акни во зрелоста доколку сте ги имале за време на пубертетот.
Во оваа прилика, како што пренесува The Sun, докторот по естетска медицина Дејвид Џек сподели неколку совети како да се ослободите од овој проблем и кои фактори во секојдневниот живот влијаат на појавата на акните.
1. Избор на храна
Храната која содржи поголемо количество на антиоксиданси ја намалува можноста за настанување на акни, а тоа би биле намирници како овошје и зеленчук со светли бои, мешунки, лиснат зеленчук, како и чаеви. Тој препорачува избегнување на храна и пијалоци кои содржат преработен шеќер, како и храна која е пржена на многу масло.
2. Додатоци
Д-р Дејвид советува храната да се надополнува со специфични и препорачани суплементи. Витамините Ц, Е и А најчесто се препорачуваат за намалување на акните и намалување на шансите за нивно повторно појавување.
3. Помалку стрес
Кога животот ви е динамичен, полн со обврски или имате редовни стресни ситуации, тоа често се одразува на вашата кожа. Затоа се препорачува доволно сон, поздрава храна консумирана во вистинско време, поминување време со драги луѓе и тренинзи, бидејќи тоа може многу да помогне.
4. Рутина за нега на лице
Обрнете внимание на препаратите што ги користите за нега на вашето лице. Д-р Дејвид наведува дека најдобро е да се бараат производи кои во својот состав имаат бензоил пероксид.
Лекарот предупредува дека поединечните масла кои се наоѓаат во некои препарати често го немаат ефектот што го очекувате, но всушност понекогаш може да предизвикаат посериозно воспаление на кожата.
5. Третмани
Постојат третмани за сите типови кожа – од нанесување креми, до третмани со киселина или орални антибиотици – но само експерт може да ви каже кој е точно за вас. Задолжително побарајте стручна помош доколку не можете да ја промените состојбата на кожата со менување на вашите навики.