Многумина од нас не го поднесуваат патувањето баш најдобро, без оглед на превозното средство што ќе го изберат. Гадење, вртоглавица и повраќање се само дел од проблемите со кои се соочуваме кога одиме на патување. Ако планирате патување, запомнете некои од овие природни трикови кои можат да ви помогнат полесно да ги поднесете.
Пред поаѓање
Пред поаѓање, не јадете тешка храна и не читајте додека патувате. Доколку патувате со авион, при купувањето билети изберете, по можност, места на средината на авионот, а доколку се работи за брод, потребни ви се кабини кои се наоѓаат длабоко и на средината на бродот. Избегнувајте силни парфеми и обезбедете извор на свеж воздух.
Ѓумбир
Ако чувствувате мачнина и вртоглавица, обидете се да си олесните со ѓумбир. Испијте две капсули ѓумбир со вода бидејќи оваа билка ги апсорбира стомачните киселини и го спречува чувството на мачнина. Ќе ви помогне и ако земате сок од ѓумбир или чај.
Маслинки и лимон
Маслинките и лимоните можат да бидат корисни. Изедете неколку маслинки пред патувањето. Тие содржат танин и природно ја намалуваат зголемената плунка. Ако маслинките не помагаат, земете лимон.
Исечете го на парчиња и ставете ги во пластична кеса. Повремено грицкајте и цицајте парчиња лимон за да ги ублажите симптомите на гадење. Покрај тоа, грицкањето суви крекери исто така може да помогне.
Ментол или нане
Бонбоните со ментол исто така можат да помогнат при гадење за време на патувањето, како и чајот од нане.
Вистинско време
Изберете го вистинското време за патување. Најзгодно е ноќе, а ако треба да патувате дење, седнете на предното седиште и фокусирајте го погледот пред вас. Обидете се да бидете мирни. На некои луѓе им е подобро да возат отколку да седат на совозачкото седиште.