Дали веќе сте ја гледале мини-серијата на Netflix „All the Light We Cannot See“, која цврсто го држи првото место на листата на гледачи во последниот период?
Станува збор за адаптација на истоимениот роман, кој Њујорк Тајмс го вброи како еден од 25-те најдобри наслови на сите времиња. Напишан е од американскиот писател Ентони Доер во 2014 година и се здоби со широко признание, што резултираше со Пулицерова награда за литература една година подоцна.
Не е ни чудо што јавноста со нетрпение го очекуваше прикажувањето на делото кое беше продадено во повеќе од 15 милиони примероци ширум светот. Трогателната приказна е сместена во Франција за време на Втората светска војна, а актерската екипа е, во најмала рака, фантастична.
Приказната е за слепото девојче Мари-Лор (Арија Миа Лоберти), која живее со нејзиниот татко Даниел (Марк Руфало) во Париз. Откако нацистите влегле во градот, девојката и нејзиниот татко одат кај чичко Етјен (Хју Лори) во Сен Мало, и таму започнува авантура со многу заплети, подеми и падови и напнати сцени кои ја одржуваат публиката прикована за екранот.
Мари не е само обична девојка која се плаши од војна, таа преку радио сигнали се обидува да воспостави контакт со семејството и со шифрирани пораки да ги предупреди своите сограѓани.
Иако целата серија е исполнета со емоции, еден од најубавите делови е секако пријателството исполнето со младешка љубов со младиот нацистички регрут Ворнер (Луис Хофман), експерт за радио технологија, без кого ова вредно дело сигурно не би било исто.
Јавноста беше воодушевена, а критичарите ја опишаа „Светлината што не ја гледаме“ (All the Light We Cannot See) како интензивно и емотивно дело. Кога станува збор за екранизација на книжевно дело, авторите имаат огромна одговорност – да ги исполнат големите очекувања. Бидејќи тоа е голем светски успех, предизвикот беше уште поголем.
Дали серијата на Нетфликс може да се натпреварува со еден од најдобрите романи на оваа тема, ќе мора да видите сами.