Американскиот актер, оскаровецот Џаред Лето (51), денес влезе во историјата со тоа што стана првиот човек на кој законски му е дозволено да се искачи на врвот на Емпајер Стејт Билдинг.
Лето се искачи од 86. на 104. кат, а искачувањето траеше околу 20 минути, на висина од околу 400 метри, објави „Њу Јорк пост“. Тој на овој начин ја промовираше светската турнеја на неговиот бенд „Thirty Seconds To Mars“ што треба да започне во Јужна Америка во март. Турнејата ќе продолжи во Европа во април, а потоа се сели во Северна Америка во јули. По искачувањето на Емпајер Стејт, Лето во емисијата „Денес“ зборуваше за својата авантура.
– Повеќе бев возбуден отколку нервозен, да бидам искрен. Но, исто така, морам да кажам дека беше многу, многу тешко. Потешко отколку што мислев дека ќе биде. Искачувањето бараше труд, издржливост, а тоа беше многу нагло искачување – изјави Лето.
Тој додаде дека од мал Њујорк за него бил место каде што соништата се остваруваат.
– Како момче сакав да бидам уметник, а Њујорк е токму местото каде што доаѓаш и стануваш уметник. Емпајер Стејт отсекогаш била такво место за мене – изјави Лето.