За правилна хидратација, неопходно е да се користи производ наменет за нашиот тип на кожа, а подеднакво е важно внимателно да се проучи неговиот состав, бидејќи различни состојки можат да ја иритираат кожата. Главен виновник за иритацијата и затнувањето на порите се синтетичките мириси, кои се честа состојка во бројни производи – хидратантни креми, млека за чистење, тоници, кармини, пудри… кои всушност не треба да мирисаат.
Хемикалиите во таквите вештачки мириси генерално не се наведени на декларациите, а проблемот е што тие можат да ги попречат хормоналните активности и да предизвикаат воспаление и иритација, како горење, чешање или лупење, и да го зголемат оксидативното оштетување, а сето тоа доведува до забрзано стареење на кожата. Тие се исто така поврзани со зголемен ризик за сериозни состојби, како што се астма и рак, пишува She Finds. Што се однесува до директниот ефект, таквите состојки можат да ги блокираат и ситните отвори на кожата кои се поврзани со лојните жлезди и на тој начин да го поттикнат растот на бактериите кои предизвикуваат мозолчиња. Затоа е важно да изберете хидратантен крем кој вели дека не е комедоген, што значи дека нема да ги затне порите, особено ако вашата кожа е мрсна и склона кон акни.
Покрај тоа, луѓето со мрсна кожа и кожа склона кон акни треба да избираат гелови на база на вода и без маснотии за хидратација, наместо креми. Кремите, пак, се најдобриот избор за сува кожа, бидејќи поради нивната густина ќе останат подолго на неа, ќе делуваат подолго и ќе го спречат сушењето.
Нормалните или мешаните типови на кожа имаат поголем избор, но ако имаат тенденција да бидат малку суви, подебели, кремасти производи се подобар избор, а ако имаат тенденција да имаат мрсна кожа, подобро решение би биле геловите или лесните креми на база на вода. За луѓето со чувствителна кожа, особено е важно да се изберат производи за нега без мирис, парабени и други надразнувачи. За секој случај, добро е да го тестирате новиот производ на кожата на внатрешната подлактица пред да го нанесете на лицето. Доколку нема реакции по 24 до 48 часа, производот може да се нанесе и на лицето.