„Мојот професор по техника на глас во драмското училиште би бил ужаснат од некои работи што ги направив (во Вулверин)“, рече Џекмен.
Хју Џекмен откри дека ржењето и викањето што ги правел додека го играл Вулверин трајно му го оштетиле гласот.
Актерот го играше суперхеројот речиси две децении на почетокот на 21-от век, со што стана поранешен Гинисов рекордер за најдолга кариера како лик на Марвел.
Зборувајќи за Би-Би-Си, Џекмен детално објасни како барањата на улогата оставиле траен печат на неговиот глас.
„Мојот фалсет не е толку силен како порано и тоа директно го препишувам на ржењето и викањето. Мојот професор по техника на глас во драмското училиште би бил ужаснат од некои работи што ги направив (во Вулверин)“, вели Џекмен и додава:
„Научивме техника (на училиште) како да викате без да ви се уништи гласот. Меѓутоа, за време на Вулверин врескав и викав и некои други работи за кои мислам дека ми го оштетија гласот, на што мислам да работам. Работам со професор по пеење и внимавам да не се повредам. И навистина вложувам многу труд и за физичкото движење и за мојата вокална подготовка за секоја улога“, изјави актерот.
Џекмен ќе се врати следната година како Вулверин во филмот „Deadpool 3“, а неодамна откри дека му била потребна една специфична гаранција за да го натера да ја игра улогата, дека тоа нема да го уништи крајот на Логан, пишува „NME“.