
Обидете се природно да се справите со несоницата
Чајот за спиење отсекогаш бил вистинскиот избор за борба против несоницата. А факт е дека ретко кој денес може да се пофали дека никогаш не страда од проблеми со спиењето, бидејќи ова зло на 21-от век е еден од најчестите проблеми на современиот човек, кој ги погодува сите генерации. Помладите поради училиште, средовечните поради работа и финансиски проблеми, повозрасните поради годините… Несоницата негативно влијае на концентрацијата и го отежнува извршувањето на секојдневните задачи, често дури и оние најбаналните, особено ако трае со недели и месеци. За среќа, чаевите за спиење обезбедуваат здрав сон, па не мора да броите овци или да пиете апчиња за спиење, а ние за вас издвоивме 2 растенија кои ќе ви бидат од помош.
Лаванда
Лавандата уште од дамнина се користи за лекување на несоница, нервни нарушувања и варење. Се става во топли, релаксирачки купки кои обезбедуваат мирен сон, а денес сепак најчесто се користи за правење чај.
Освен што ги опушта мускулите, ја смирува нервозата и анксиозноста, чајот од лаванда поволно делува и во случаи на пореметување на сонот.
Подготовка:
Лесно се подготвува и делува брзо. Две лажички цветови од лаванда прелијте ги со шолја топла вода, оставете да отстои десет минути и процедете. Засладете го чајот со мед и пијте по две шолји дневно, задолжително една пред спиење.
Мајчина душица
Лековитите состојки на мајчината душица се наоѓаат во листот и цветот, а тимолот и карвакролот, нејзините есенцијални масла кои ги релаксираат мускулите, помагаат во лекувањето на несоницата.
Бидејќи содржи испарливи состојки, чајот од мајчина душица треба да се чува во покриен сад, во спротивно нема да има лековити својства.
Подготовка:
Чајот се приготвува на следниов начин – една лажица мајчина душица се прелива со два децилитри зовриена вода, се покрива и се остава да отстои половина час. Кога чајот ќе се олади, процедете го и испијте го. Ако не можете да ја поднесете горчината, засладете со една лажичка мед.