Колумбиската пејачка Шакира во новата песна, која ја сними во соработка со продуцентот Бизрап, пее дека е „премногу добра“ за нејзиниот поранешен партнер, фудбалерот Жерар Пике.
„Извинете, веќе зедов друг авион, не се враќам дома, не сакам ново разочарување. Толку долго се правите шампион, а кога ми требавте ми ја дадовте вашата најлоша верзија. Не се враќам кај тебе, и да плачеш и да молиш, ме остави со неа, новинари, долгови, даночна… Мислиш дека ме повреди, но сега сум уште посилна, а таа сигурно има убаво име, не е како што звучи, јасно…“, пее Шакира во новата песна.
Во зборот „јасно“ (claramente), пејачката го вградила името Клара, името на новата девојка на Пике, а тој самиот се споменува во еден стих од песната („perdon, que te sal-pique“). Песната гласи отприлика вака: „Тоа е чекор помеѓу љубовта и омразата. Бејби, ти посакувам се најдобро со мојата замена, не знам што ти се случи, но си замени Ферари за Твинго, замени Ролекс за Касио…“
Потсетуваме, Пике и Шакира објавија дека се разделуваат во јуни минатата година. Набргу потоа, Пике беше забележан со Клара Чиа, неговата нова девојка, вработена во неговата продукциска куќа. Иако за врската не зборуваше во медиумите, двајцата беа видени заедно неколку пати, а подоцна беше откриено дека нивната афера трае од 2021 година.
Шакира неодамна проговори за раскинувањето со Пике и тој момент го нарече еден од најтемните во нејзиниот живот, но не само поради разводот туку и поради лошата здравствена состојба на нејзиниот татко. Пике неодамна наводно ѝ дал благослов на својата поранешна партнерка да се пресели во Мајами со децата за да избегне правна битка за даноците во судски процес против неа во Шпанија.