Тие првпат беа видени заедно на крајот на мај на вечера во ресторанот Нобу во Малибу, а сега нивната љубов се разгоре толку многу што Шон Пен не може да ги тргне очите, но и рацете, од дваесет години помладата актерка Олга Коротјаева. Двојката деновиве е видена како се бакнува и гушка во Сент Тропе, а пред тоа беа во Рим и Стокхолм, каде што оскаровецот учествуваше на технолошката конференција Brilliant Minds. Во Сент Тропе, Шон и Олга најпрво појадуваа заедно во еден од познатите ресторани, а потоа излегоа на прошетка гушкајќи се и држејќи се за раце, а потоа актерот се нафрли на својата сакана, опсипувајќи ја со бакнежи, не грижејќи се дали некој гледа или ги снима.
Шон Пен досега беше трипати во брак, од 1985 до 1989 година со Мадона, потоа со актерката Робин Рајт, со која ги има 32-годишната ќерка Дилан и 29-годишниот син Хопер, а минатата година се разведе од младата актерка Лејла Џорџ по помалку од две години брак.
Не се знае многу за неговата нова љубов. Таа наводно има 43 години и има украинско потекло, а на нејзиниот профил на IMDb стои дека глумела во неколку серии и филмови, главно во француска продукција.
На вљубените гулаби очигледно им претстои долго, топло лето, кое ќе го поминат во Европа, а можеби актерот уште еднаш ќе скокне до Украина за да му покаже поддршка на Зеленски во неговата борба против руските окупатори. Шон Пен има нов проект во блиска иднина. Тој треба да биде продуцент и да глуми во претстојната серија C*A*U*G* H*T, која се фокусира на четворица австралиски војници кои се заробени од борците за слобода откако ќе бидат испратени на мисија во земја разурната од војна.