Глумецот Алек Болдвин се соочи со вознемирување од пропалестинска активистка, а видеото од тој настан на „Х“ е прегледано над три милиони пати.
На снимката направена во некое кафуле, додека Болдвин плаќа за својата нарачка и го држи мобилниот телефон на увото, жената со својот телефон го снима и неколкупати настојчиво бара од него да каже „Слобода за Палестина“ и да го опцуе Израел и ционизмот. Кога активистката сфаќа дека глумецот ја игнорира, таа ја менува темата. Следното прашање е: „Зошто ја уби таа жена? Ја уби жената и не доби затворска казна? Нема затвор, Алек!“
White devil Alec Baldwin attacked me
While I was trying to get coffeee pic.twitter.com/qebME0V4Wl— Crackhead Barney & Friends (@CHBAF) April 22, 2024
Активистката тука ја има предвид смртта на кинематограферката Халина Хачинс на снимањето на каубојскиот филм „’Рѓа“. За потсетување, Болдвин се соочува со обвиненија за ненамерното убиство на Хачинс во 2021 година. Продолжението на судењето за убиство од небрежност е закажано за 10 јули.
На видеоснимката, натаму глумецот почнува да се заканува со полиција, но девојката е упорна во своето вознемирување и на крајот, Болдвин ѝ го исфрла мобилниот телефон од рака.
Алек Болдвин ја отфрли одговорноста за ненамерното убиство на Хачинс.