Кога размислувате за лекување акни или розацеа, сигурно никогаш не сте помислиле на азелаичната киселина. Оваа киселина неодамна стана омилена меѓу лекарите затоа што е исклучително ефикасна во решавањето на некои проблеми со кожата. Еве што треба да знаете за состојката за која многу се зборува во моментов.
Што е азелаична киселина?
Станува збор за заситена дикарбоксилна киселина која главно се добива од пченица, јачмен и ‘рж и се користи како пилинг. Има антимикробно, антиинфламаторно и кератолитичко дејство, спречува појава на комедони и содржи антиоксиданти.
Доколку е потребно, дерматолозите им даваат рецепти на пациентите за концентрации од 15% и 20%, но во слободна продажба може да се најде во пониски концентрации, најчесто 10%. Азелаичната киселина може да се купи и да се користи во различни форми во зависност од регионот за кој е наменета. Геловите и кремовите се користат за лице и за помали површини, а пената за поголеми како што е грбот.
За што се користи?
Азелаичната киселина се користи во борбата против акните, за третман на розацеа, за осветлување на делови со умерена хипергиментација и како пилинг. Таа решава слични проблеми како салицилната киселина и ретинолот, но помалку ја иритира кожата.
Како функционира?
На прво место, азелаичната киселина ја блокира синтезата на бактерии кои предизвикуваат акни и го регулираат формирањето на клетките на кожата. Ова спречува насобирање на мртвите клетки на кожата внатре во порите и на површината на кожата, што значи дека не се формираат ниту затворени ниту отворени комедони.
Исто така, азелаичната киселина спречува прекумерно производство на меланин и на тој начин спречува формирање дамки и пеги, а истовремено ги осветлува веќе постоечките дамки што се со умерен интензитет.
Бидејќи има антиинфламаторно дејство, ефикасна е и како третман на розацеа така што ги смирува воспалителните процеси на кожата кои се одговор на агресивното влијание на надворешната средина.
Како се користи?
Постои концентрација од 10% во слободна продажба и таа е доволна за повеќето луѓе (и проблеми).
Многу добро својство на оваа киселина е тоа што може да се комбинира со други киселини (АХА и БХА), како и со ретинол, витамин Ц, нијацинамид и хијалуронска киселина, а можат да ја користат и бремените жени.
Азелаичната киселина може да се користи двапати на ден, наутро и навечер, но ако имате чувствителна кожа, се препорачува само еднаш и тоа како дел од ноќната рутина. Она што е важно е да користите висок заштитен фактор за време на употребата, особено ако ја користите во текот на денот.
За кого е наменета?
За сите што имаат проблеми со акни, мозолчиња, розацеа, благи и умерени дамки пигментација, без оглед на видот на кожата.