Летото и летната депресија одат заедно кај некои луѓе. Иако летото најчесто го поврзуваме со одмор, сонце, море, опуштање и позитивни емоции, сезонските промени во расположението може да бидат проблем.
Зошто се јавува летната депресија?
За некои луѓе, појавата на летната депресија има биолошки причини, според докторот Иан Кук, директор на програмата за истражување на депресијата на Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес. Од друга страна, стресот во текот на летото може да се зголеми од различни причини, па да направи да се чувствувате лошо.
Експертите не се сосема сигурни за точни причини на летната депресија, но подолгите денови, топлината и влажноста на воздухот сигурно играат улога. Специфичните симптоми на летна депресија најчесто се губење апетит, проблеми со спиењето, губење тежина и анксиозност. Меѓутоа, има и луѓе што чувствуваат поголема потреба за храна, па имаат проблеми со системот за варење.
Промена на рутините
Според докторот Кук, луѓето што се склони на депресивни епизоди знаат дека рутините им помагаат за намалување на симптомите. Меѓутоа, во текот на летото се менуваат многу рутини и тоа може да биде стресно и да влијае врз работата, сонот, навиките во исхраната и да предизвика летна депресија.
Незадоволство од изгледот
Во лето ни треба помалку облека, а нашето тело одеднаш е изложено на туѓите погледи. За некои луѓе, ова може да биде трауматично и да влијае врз нивната самодоверба. Освен тоа, луѓето најмногу одат на плажа во текот на летото, а некои ги одбегнуваат овие излети поради слабата самодоверба, па тоа може да го зголеми психичкиот притисок и да доведе до депресија.
Финансиски грижи
Во текот на летото се прават поголеми трошоци. Додека одморот им е потребен на сите, многу луѓе не може да си дозволат патување. Токму тоа може да предизвика незадоволство, грижа и фрустрација.
Топлината е тешка
Додека некои луѓе уживаат да се „печат“ на плажа, на други тоа им пречи, па се затвораат во домовите и остануваат таму со часови. Притоа, тие често ги прескокнуваат физичките активности и се вртат на нездрава храна, а овие фактори може да доведат до летна депресија.
Како да се изборите со летната депресија?
Докторите препорачуваат доволно сон и физичка активност, а не се препорачуваат ригорозни диети или претерано вежбање за брзо слабеење бидејќи тоа го зголемува психичкиот притисок. Доколку веќе се лекувате од депресија, а симптомите се посилни во текот на летото, се препорачува разговор со стручно лице.
Конечно, не опседнувајте се со очекувањата на другите луѓе. Во текот на летото не мора да бидете расположени по секоја цена, а наместо да подлегнувате на притисокот од другите, најдете алтернатива која ви одговара.