Хеланки не се панталони. Или се? Оваа вечна модна дилема многу често резултира со прогласувањето на хеланките како погодни само за вежбање и лежерна спортска облека.
На сите ни се има случено барем еднаш, а секако и повеќе пати, хеланките да се единственото парче облека кое прави да се чувствуваме удобно и да сакаме да го поминеме целиот ден во нив, дури и ако имаме некој настан или собир што бара од нас да се облекуваме малку поелегантно и да се дотеруваме.
Доколку знаеме и имаме смисла за комбинирање и дозирање, хеланките навистина можат да бидат соодветно парче за ситуации во кои треба да изгледаме уредно, а доказ за тоа се неодамнешните модни изданија на двете познати манекенки, Џиџи Хадид и Кендал Џенер.
За прошетка во Њујорк, убавата Џиџи спои светкави црни хеланки со елегантни парчиња облека – јакна и црна чанта со златни детали, а сè направи уште поинтересно истакнувајќи ги белите чорапи со кои облече чевли.
Обичните црни хеланки и чорапи навистина не звучат како облека што може да изгледа софистицирано, но во оваа верзија навистина функционира, особено во (речиси) целосно црното издание кое секогаш ја носи елеганцијата на друго ниво.
Нејзината колешка Кендал Џенер исто така во хеланки се упати на вечера во ресторан, а со црн тесен џемпер и тенок ремен околу половината создаде впечаток дека носи елегантен комбинезон, а не класични хеланки.
Секако, чевлите со високи потпетици се тајно оружје што ги прави хеланките уште полесно ѕвезда на еден аутфит, а тоа го знаат и Лејди Гага и Ким Кардашијан, чии комбинации со ова удобно парче облека ни привлекоа око.
Своите црни хеланки познатата пејачка ги спои со чизми до колена и високи потпетици од Larroudé и чанта Bottega Veneta, а сè дополнително беше подобрено со кафеав кожен блејзер.
Ким Кардашијан, некрунисаната кралица на хеланки, обожава да ги носи во сите прилики, а облеката во која ги спои со Шанел е една од највпечатливите, но и најелегантните. Кратка розова Шанел јакна и црна ватирана квадратна Шанел чанта со златна рачка од синџир, заедно со црни кадифени чизми со потписот на Баленсијага, изгледаат како добитна комбинација, дури и со хеланки.
Доколку сакате максимална удобност, можете да носите балерини наместо штикли, тие исто така ќе изгледаат убаво и женствено.