Диетата со грејпфрут е нискокалорична диета, којашто се темели на претпоставката дека грејпфрутот содржи „магична“ супстанција која кога се внесува во телото заедно со протеини води до согорување на масти и предизвикува губење на телесна тежина.
Оваа диета за прв пат се појавила во 30-тите години на минатиот век и била позната како Холивудска диета. Денес некои луѓе ја нарекуваат и Мејо Клиник диета, иако диетата нема никаква поврзаност со американската организација која го носи тоа име.
Се верува дека грејпфрутот помага во согорувањето на мастите
Едноставен план за оброците
Појадок:
- 2 јајца (варени или пржени);
- 2 тенки парчиња сланина;
- кафе (без шеќер и млеко);
- ½ грејпфрут или една чаша сок од грејпфрут.
Ручек:
- салата со месо;
- ½ грејпфрут или една чаша сок од грејпфрут.
- Можете да консумирате било какво месо и да го приготвувате како што сакате. Јадете додека не се заситите.
Вечера:
- црвени/зелени зеленчуци или салата со неограничено количество риба или месо,
- ½ грејпфрут или една чаша сок од грејпфрут.
Ужина пред спиење:
- една чаша млеко или сок од домати.
Од зеленчуците треба да се претпочитаат зелен и црвен кромид, брокули, моркови, марула, зелка, спанаќ и домати, а да се исфрлат пченката, целерот, компирите, белиот кромид, гравот и грашокот. Можете да консумирате какво што сакате месо и риба.
За месото и зеленчуците може да се користи неограничено количество на путер и зачини, а може да ги варите, печете или пржите.
Правила на диетата
- За време на ручекот или вечерата можете да јадете сè додека не почувствувате дека сте сити.
- Не пијте повеќе од едно кафе дневно.
- Не јадете меѓу оброци. Единствената ужина треба да ви биде по вечерата.
- Пијте многу вода, најмалку 2 литри дневно.
- Секогаш внесувајте го препорачаното количество грејпфрут.
- Не исфрлајте ниту еден од продуктите кои се препорачани, особено сланината и салатите.
- Диетата трае 12 дена. Ако сакате повторно да продолжите со неа, направете најмалку 2 дена пауза.
Позитивни страни на диетата
Диетата со грејпфрут е нискокалорична диета и поради тоа за кратко време се губат многу килограми. Не треба да се бројат калории, ниту пак да се мери храната точно до грам, па многу е лесна за следење.
Грејпфрутот е овошје кое содржи многу малку калории, а е богат извор на витамин Ц.
Негативни страни на диетата
Изгубената тежина се состои од течности, а не од масти. Најчесто луѓето си ги враќаат изгубените килограмите во периодот по завршувањето на диетата, т.е. се појавува јо-јо ефект.
Луѓето кои ја држат оваа диета обично консумираат 800-1000 калории дневно, што е под минималната граница. Жените треба да консумираат минимум 1200 калории дневно.
Диетата не препорачува физичка активност, основно затоа што се консумираат малку калории и телото нема доволно енергија.
Резултати
Диетата со грејпфрут треба да се следи 12 дена. Во тој период можете да изгубите до 5 килограми.