Поминаа две децении од смртта на американскиот актер Кристофер Рив, ѕвездата на филмовите „Супермен“, а деновиве во негова чест треба да излезе документарниот филм „Super/Man: The Christopher Reeve Story“. Документарецот, во кој Рив, кој почина на 10 октомври 2004 година, најмногу ја раскажува својата приказна, благодарение на две верзии на аудио книги од неговите мемоари, се отвора на новогодишната ноќ 1994 година со сцена каде што тој вели дека неговиот живот бил совршено избалансиран, но дека во еден миг се се сменило.
Пет месеци подоцна, на 42-годишна возраст, актерот остана парализиран од вратот надолу, откако падна од коњ за време на коњички настан во Калпепер, Вирџинија, оставајќи го во инвалидска количка и на вентилатор до крајот на својот живот.
Рив имаше две деца со својата поранешна долгогодишна партнерка Геј Екстон, сега 44-годишниот Метју Екстон Рив и 40-годишната ќерка Александра Рив Гивенс. Тој го доби својот најмлад син Вил, кој сега има 31 година, со сопругата Дејна Рив, која почина од рак на белите дробови на 44-годишна возраст, само 17 месеци откако тој почина од срцева слабост.
Во документарецот се појавува и актерката Глен Клоуз која раскажува како Кристофер бил преплашен дека може да умре во секој момент по несреќата и како неговото блиско пријателство со Робин Вилијамс му дало сила. „Отсекогаш мислев дека ако Крис е сè уште наоколу, тогаш Робин сѐ уште ќе биде жив“, вели Глен во филмот.
Синот на актерот Вил, исто така, зборува за загубата на двајцата родители со само 18 месеци разлика, од која сè уште не се опоравил целосно. „Тоа беше тој момент, оттогаш сум сам“, заклучил Вил, успешен спортски новинар денес, кој го одгледале семејните соседи и блиски пријатели.
Сите три деца на актерот соработуваат со Фондацијата Кристофер и Дана Рив, чија цел е лекување на повреди на ‘рбетниот мозок, унапредување на иновативните истражувања и подобрување на квалитетот на животот на поединците и семејствата погодени од парализа.