Туширањето со ладна вода веднаш штом се разбудите може да биде прилично непријатно, но има голем број придобивки, и ментални и физички.
Голема студија од Холандија покажа дека луѓето што се тушираат со ладна вода се помалку отсутни од работа поради болест во споредба со луѓето кои се тушираат со топла вода. Студијата опфати повеќе од 3.000 луѓе, а причината зошто ладната вода го намалува ризикот од заболување сѐ уште не е целосно позната.
Некои истражувачи сугерираат дека студената вода може да го зајакне нашиот имунолошки систем. Една студија од Чешка покажа дека младите мажи кои спортуваат и се потопуваат во ладна вода три пати неделно во период од шест недели, го зајакнале нивниот имунолошки систем.
Но, потребни се поголеми студии за да се потврдат овие тврдења.
Студената вода исто така го активира симпатичкиот нервен систем, дел од нервниот систем кој го контролира и влијае на нашиот одговор „борба или бегство“. Тоа е автоматска физиолошка реакција на настан што се перцепира како опасен, стресен или застрашувачки.
Кога симпатичкиот дел од нервниот систем се активира со ладна вода, го зголемува нивото на хормонот норепинефрин. Овој хормон предизвикува зголемување на отчукувањата на срцето и крвниот притисок кај луѓето кои се нурнуваат во ладна вода и е поврзан со подобрување на здравјето.
Студената вода, исто така, ја подобрува циркулацијата, а некои студии сугерираат дека ладната вода, исто така, може да помогне при слабеење.
Понатаму, ладната вода може да има и голем број психолошки придобивки. На пример, кога студената вода доаѓа во контакт со лицето или вратот, тоа може да ја подобри функцијата на мозокот.
Иако сѐ уште не е целосно јасно зошто – ладната вода има голем број позитивни ефекти врз телото и здравјето. Но, пред да одите на ладен туш, треба да знаете дека тоа исто така може негативно да влијае на некои луѓе. На пример, ладен туш може да биде опасен за луѓето кои имаат срцеви заболувања.