Со доаѓањето на пролетта нашето тело се подготвува да се разбуди од зимскиот мир, исто како што природата се подготвува за повторно растење, а животните се будат од зимскиот сон. Зголемената потреба за активност предизвикува трошење на повеќе енергија во текот на денот, што понекогаш може да доведе до исцрпеност и замор.
Пролетен замор – причини и симптоми
Промената на надворешните услови што доаѓа со пролетта може да биде стресна за луѓето кои се чувствителни на временските промени. Иако некои луѓе дури и не ја чувствуваат промената, метеопатите страдаат овој период. Покрај тоа, летното сметање на времето може да го наруши циклусот за спиење на многумина.
Пролетниот замор може да се јави и поради нарушен имунолошки систем. Со доаѓањето на топлото време почесто излегуваме, а се зголемува и просечната консумација на алкохол, што севкупно резултира со нарушен ритам на спиење и прекумерна исцрпеност на телото. Недостигот на енергија може да биде и последица на недостигот на витамини во телото. Конечно, пролетните алергии, исто така, може да бидат причина за појава на замор.
Како да се ослободите од пролетниот замор?
Експертите препорачуваат да почнете со поправање на ритамот на спиење. Неколку часа пред спиењето одбегнувајте алкохол и кофеин, како и користење дигитални уреди. Се препорачува и внесување повеќе железо во исхраната, кое може да го најдете во зелените зеленчуци и морските плодови. Истовремено, консумирајте здрави јаглехидрати, а одбегнувајте бело брашно и шеќери, кои бргу ја зголемуваат енергијата, но имаат краткотраен ефект, што на крај ве прави поуморни.
Експертите препорачуваат и зајакнување на имунолошкиот систем со внесување витамин Ц преку исхраната. Во овој период треба да почнете и со вежбање, но доколку сте уморни, не впуштајте се во исцрпувачки активности, туку почнете полека. Телесната активност ќе го забрза вашиот метаболизам и ќе ви ја подобри циркулацијата, поради што ќе се чувствувате подобро.
Конечно, се препорачува престој во природа. Топлите денови овозможуваат подолг престој на сонце, па искористете ги убавите денови за долги прошетки или бавно трчање во природа.