Овогодинешните номинации за Оскар предизвикаа голема бура во американските медиуми и јавноста. Имено, никому не му е јасно зошто Академијата и покрај тоа што додели осум номинации за филмот „Барби“, ги игнорираше главната актерка Маргот Роби и режисерката Грета Гервиг, а од друга страна, Рајан Гослинг како Кен беше номиниран за споредна машка улога и на изненадување на многумина, актерката Америка Ферера за споредна женска улога.
Иако доделувањето на филмските награди одржано досега во Америка навестуваше дека филмскиот хит „Барби“ кој досега заработи неверојатни милијарда и четиристотини милиони долари на бокс офисот, не поминува најдобро на Оскарите, сепак фактот дека Маргот Роби нема да добие номинација никој не го очекуваше. Имено, актерката ја игра главната улога во филмот и дефинитивно е заслужна за неверојатната популарност што ја доби филмот. Драмата веројатно немаше да биде толку голема доколку Рајан Гослинг, кој го глумеше Кен во филмот, во исто време не беше номиниран за Оскар.
„Рајан Гослинг доби номинација, а Маргот Роби и Грета Гервиг не, се чини дека ова дополнително ја илустрира поентата на филмот“, објави еден фан, алудирајќи на заплетот на филмот, кој на хумористичен начин го спротивставува матријархатот со поконвенционалната патријархалност.
„Да е номиниран Кен, а не Барби, е толку прикладно за филм за човек кој ја открива моќта на патријархатот во реалниот свет“, коментира друг обожавател на филмот, додека многумина го повторија коментарот: „Идејата за номинирање на Кен , а не Барби, е толку очигледна што боли.“
Во суштина, сите се прашуваат до каде оди конзервативизмот на Академијата, која овде-онде се коригира, па оваа година во категоријата најдобар режисер се најде и една жена – Џастин Триет за филмот „Anatomy of a Fall“, кој ја прави осмата жена некогаш номинирана во таа категорија. Можеби две жени беа премногу, поради што беше „прескокната“ Грета Гервиг, која ја режираше „Барби“, а го напиша и сценариото.
I don't pay much attention to award shows.
But Ryan Gosling getting a nomination and Margot Robbie and Greta Gerwig NOT getting nominations feels like something happening in the Barbie movie to further illustrate the point of the Barbie movie. pic.twitter.com/T9uFEyiKOz
— Jonathan Loves X-Men (@jonathan_eff) January 23, 2024
И додека „Барби“ беше игнориран во категориите главна актерка и најдобар режисер, филмот сепак ќе се натпреварува во осум категории – за споредни машки и женски улоги, најдобар филм, најдобро адаптирано сценарио, најдобро костимографија, најдобра сценографија и најдобра оригинална песна. Но, не само Маргот Роби и Грета Гервиг останаа без очекуваните номинации. Ниту Пенелопе Круз не се најде на листата за Оскар за нејзината импресивна улога на Лаура во филмот „Ferrari“, а Леонардо ди Каприо беше номиниран и за улогата во филмот „Killer of The Flower Moon“.