Холивудските ѕвезди Анџелина Џоли (49) и Бред Пит (61) се договорија да се разведат по осум години, со што ставија крај на еден од најдолгите и најспорните разводи во историјата на Холивуд.
„Пред повеќе од осум години, Анџелина поднесе барање за развод од Пит“, изјави во соопштението на адвокатот на Анџелина Џоли, Џејмс Сајмон. „Таа и децата ги оставија сите имоти што ги споделија со г-дин Пит и оттогаш таа се фокусираше на наоѓање мир и исцелување за нивното семејство. Ова е само дел од долгорочниот процес кој започна пред осум години. Да бидам искрен, Анџелина е исцрпена, но чувствува олеснување што овој дел е завршен“, истакна Сајмон.
Судските документи се уште не се поднесени, а договорот ќе треба да го потпише судија. Џоли (49) и Пит (61) беа меѓу најистакнатите парови во Холивуд цели 12 години. Двајцата оскаровци имаат заедно шест деца.
Џоли поднесе барање за развод во 2016 година, по летот од Европа за време на кој Пит наводно ја малтретирал неа и нивните деца. Пит ги негира овие наводи, пишува The Guardian. Судијата ги прогласи за разведени и немажени во 2019 година, но поделбата на имотот и старателството над децата мораше да се реши посебно. Приватен судија, ангажиран од парот да го води случајот, набргу потоа донесе одлука за подеднакво старателство над нивните деца, но Џоли поднесе барање тој да биде отстранет од случајот поради непријавен конфликт на интереси. Апелациониот суд се согласи, судијата беше отстранет и парот мораше да започне од почеток.
Некои детали од договорот беа откриени преку посебна тужба поднесена од Пит, во која тој тврдеше дека Џоли го прекршила договорот да му ја продаде својата половина од француската винарија што заедно ја поседувале. Не се знае како договорот за развод ќе влијае на таа парница.