Минатогодишното крунисување на британскиот крал Чарлс и кралицата Камила, според владиниот извештај, чинело 72 милиони фунти, додека за погребот на кралицата Елизабета било издвоено двојно повеќе.
Чарлс и Камила беа крунисани на 6 мај 2023 година на најголемата церемонија во Британија во последните 70 години. Церемонијата беше многу свечена и раскошна, на неа присуствуваа околу стотина светски лидери, а ја следеше милионска публика на ТВ приемниците ширум светот.
Во годишниот извештај на Одделот за културни прашања (DCMS), кој беше одговорен за организирање на крунисувањето, се вели дека самата организација чинела 50,3 милиони фунти, со дополнителни 21,7 милиони фунти за трошоците за осигурување.
За споредба, трошоците за погребот на кралицата Елизабета и придружните настани беа проценети на 162 милиони фунти.
Крунисувањето на Чарлс беше поскромно од она на неговите претходници, вклучително и на неговата мајка, и ја одразуваше транзицијата кон помодерна ера и фактот дека тоа се случи во време на финансиски тешкотии за многу Британци.
Иако критичарите тогаш рекоа дека таквите трошоци се несоодветни во време кога населението се соочуваше со криза на трошоците за живот, DCMS рече дека тоа е „момент што се случува еднаш во една генерација“.
„Тоа беше можност целата земја да се собере на прослава, а населението доби единствена можност да слави, да го зајакне националниот идентитет и да го претставува Обединетото Кралство пред светот.
Одделот истакна дека настанот генерирал повеќе од 100.000 вести и бил прегледан од околу две милијарди луѓе во 125 земји ширум светот.