Дали го вадите часовникот кога одите на спиење? Всушност, во кои ситуации го оставате настрана? Некои тоа го прават само кога се тушираат, а има и такви што го прават тоа штом ќе се вратат од работа. Веднаш ги отстрануваат сите „додатоци“ кои ги попречуваат во извршувањето на домашните работи.
Но, ако носите „паметен“ часовник, дали важат овие правила? Бидејќи некои од функциите на овие часовници се мерење на пулсот, притисокот, бројот на чекори и слично… Без разлика дали е „паметен“ или не, дали треба да се вади часовникот кога се оди на спиење?
Според руската докторка Наталија Белова, и покрај тоа што производителите препорачуваат да не се вадат „паметните“ часовници навечер за да се следи квалитетот на спиењето, нивото на заситеност со кислород во крвта, пулсот и други параметри, лекарите имаат поинакво мислење.
Д-р Белова истакна дека носењето каков било предмет на рачниот зглоб 24 часа е штетно, бидејќи може лошо да влијае на крвните садови и нервите, особено ако појасот врши притисок врз нив. Ако го затегнете премногу, крвните садови се притискаат до тој степен што можат да „пукнат“, што е исто така опасно. Исто така, постојаното носење на ремени и часовници може да предизвика лезии на кожата бидејќи под нив се таложи прашина, нечистотија, вода и разни кожни честички. Сето ова претставува одлична средина за развој на бактерии, па дури и габи, кои се исклучително упорни и тешки за лекување.
Затоа лекарите препорачуваат ноќе да ги вадите не само „паметните“ часовници, туку и секаков друг вид на додатоци – нараквици, накит… Според Наталија Белова, нема смисла да ги мерите вашите физиолошки параметри ноќе, тоа доволно е едноставно да ги следите во текот на денот.