КАФЕТО содржи кофеин, за кој е докажано дека го подобрува расположението и го забрзува метаболизмот, а со тоа промовира слабеење, но сепак се препорачува да се консумира во умерени количини. Имено, големите дози на кофеин можат да предизвикаат штетни последици по нашето здравје, што го потврдува и спроведеното истражување.
Научниците не препорачуваат пиење повеќе од 28 шолји кафе неделно, што е околу четири шолји дневно, бидејќи прекумерното консумирање кафе може да предизвика негативни несакани ефекти.
Избравме некои од најчестите и некои кои на почетокот не би ги поврзале со прекумерно внесување кофеин.
- Анксиозност
Доколку се консумира во прекумерни количини, кофеинот може да предизвика вознемиреност, пренесува Healthline. Пријавено е дека високиот дневен внес од 1.000 милиграми кофеин или повеќе предизвикува чувство на нервоза и вознемиреност кај повеќето луѓе, додека дури и умерениот внес може да доведе до слични ефекти кај лицата чувствителни на кофеин. Исто така, претераното кафе може да предизвика забрзано дишење и зголемено ниво на стрес.
- Варење
Познато е дека кафето има лаксативно дејство и затоа го стимулира варењето. Меѓутоа, доколку претерате, може да дојде до проблеми во дигестивниот систем. Всушност, кафето може да предизвика дијареа кај некои луѓе, обично затоа што пијат премногу или го мешаат со нешто што не оди добро со него.
- Проблеми со спиењето
Прекумерното консумирање кафе, исто така, може да предизвика сериозни проблеми со нормалниот режим на спиење, особено ако често сакате да уживате во чаша од вашиот омилен пијалок попладне или навечер.
Едно истражување испитувало околу 200 средношколци. Оние со умерен внес на кофеин пријавиле рано утринско будење и дневен замор, во споредба со оние кои пиеле малку или воопшто не пиеле кафе. Значи, иако има многу здравствени придобивки од редовното консумирање кафе, контролирањето на внесот ви помага да спиете подобро ноќе.
- Често мокрење
Прекумерното внесување на кофеин од кафето е поврзано со зголемена фреквенција на мокрење, покажаа неколку различни студии. За да го спречите тоа, потребно е максимално да го ограничите внесот на кафе, особено ако веќе имате проблеми со мокрењето или со уринарниот систем.
- Забрзување на отчукувањата на срцето
Поради зголемување на ексцитабилноста на нервните завршетоци, консумацијата на кофеин може да го зголеми пулсот, односно бројот на отчукувања на срцето во минута, што може да доведе до сериозни проблеми доколку се консумира прекумерно.
Иако едно истражување потврди дека пиењето од 100 милиграми кофеин на секој час до пет часа не предизвикува зголемување на отчукувањата на срцето, пиењето значителни количини може да предизвика промени во ритамот на отчукувањата на срцето и на тој начин да го загрози здравјето на срцето.
- Создавање зависност
Кофеинот може да предизвика зависност кај луѓето кои консумираат премногу од него, па доколку не се внесе во организмот неколку часа, може да се појават симптоми како нервоза, главоболка, запек или замор.