Просечен човек ќе испие пет килограми кафе годишно. Сепак, и покрај популарноста на овој пијалок, постојат многу митови за кафето. Нутриционистите Меди Паскариело и Роксана Ехсани за CNBC ги открија трите најчести митови за кафето и зошто луѓето не треба да веруваат во нив.
„Кафето е лошо за вас“
Сè додека ги следите диететските упатства за не повеќе од 400 милиграми кофеин, или околу четири шолји кафе дневно, немате за што да се грижите. Кафето е богато со полифеноли, антиоксиданси за кои е откриено дека спречуваат развој на одредени хронични болести, како што се кардиоваскуларните болести.
„Покрај тоа, кафето е природен стимуланс кој може да ви помогне да бидете повнимателни, да ја зголемите енергијата, продуктивноста и да ги подобрите спортските перформанси“, вели Ехсани.
Сепак, адитивите како млеко, павлака, шеќер или разни сирупи можат да го направат кафето нездраво.
„Не треба да пиете кафе рано наутро“
Диететичарите всушност им препорачуваат на своите клиенти да пијат кафе пред пладне бидејќи ефектите од кофеинот траат и до шест часа.
„Најлошо е да пиеме кафе кога се чувствуваме уморни попладне, помеѓу 14 и 17 часот. Кофеинот ќе не разбуди и ќе го наруши квалитетот на нашиот ноќен сон“, забележува Пасквариело.
„Повеќе од две шолји кафе на ден е премногу“
Пасквариело и Ехсани велат дека е безбедно да се напијат две до три шолји кафе пред пладне. Сè е безбедно сè додека е во границите до 400 милиграми кофеин дневно. Само имајте на ум дека освен во кафето, кофеинот го има и во газираните сокови, чаевите, енергетските пијалоци и чоколадото.