Низ историјата, биографските филмови за музичките ѕвезди се покажаа како многу успешни, за што сведочат примери на дела како „Bohemian Rapsody“, „Rocketman“, „Ray“ и многу други. Сега фановите на легендарниот бенд Битлси ќе си го добијат своето, бидејќи ќе можат да уживаат во дури четири биографски филмови за членовите на омилената група. Филмовите ќе се снимаат под режисерската палка на Сем Мендес, а тој планира секој член на бендот – Ринго Стар, Пол Макартни, Џон Ленон и Џорџ Харисон да добијат свој филм. Целта на филмовите е да ја раскажат целосната приказна што доведе до нивното распаѓање во 1970 година од перспектива на секој член на Битлси.
Продуцентската куќа Sony Pictures Entertainment ќе ги дистрибуира филмовите во кината во 2027 година, а на Мендес во продукцијата на биографски дела ќе му се придружи и неговата долгогодишна соработничка Пипа Харис. „Сакаме ова да биде возбудливо и епско филмско искуство. Четири филмови раскажани од четири различни перспективи, толкувајќи ја приказната за најпознатиот бенд на сите времиња“, рече Харис во изјавата.
Инаку, Мендес има голем број успешни филмови на кои работел, меѓу кои се издвојуваат „American Beauty“ и „1917“ и филмовите за Џејмс Бонд „Skyfall“ и „Spectre“. Филмот „American Beauty“ му го донесе престижниот Оскар во 2000 година во категоријата најдобар режисер.
Рок групата е најпозната по песните „Let It Be“, „Hey Jude“, „Help!“, „Don’t Let Me Down“, „Twist and Shout“ и многу други, а ова е првпат Битлси ги префрлија правата на продуцентската куќа да сними филм за нив. Веќе се снимени неколку документарни филмови за нивното раскинување, а најзабележителен меѓу нив е филмот „Let It Be“ од 1970 година на режисерот Мајкл Линдзи, кој ги документира пробите на групата и снимањето на песните во јануари 1969 година додека работеа на нивниот дванаесети и последен албум.