Организаторите на Лондонската модна недела одлучија да забранат присуство на егзотични животински кожи на нивните ревии, објави денеска во Лондон еден од лидерите на Британскиот моден совет (BFC), кој ја организира Модната недела.
Лондон е првата голема модна престолнина која воведе ваква забрана.
„Повеќе нема да претставуваме брендови кои користат вистинско крзно или кожа на егзотични животни во нивните колекции и бараме од стилистите да ги почитуваат овие услови доколку сакаат да учествуваат на модната недела во Лондон“, пишува во пораката објавена на социјалната мрежа на LinkedIn на Дејвид Ли-Пембертон, еден од високите претставници на BFC.
Активистите за правата на животните долго време ја критикуваа употребата на крзно и кожа од егзотични животни, како што се крокодилите и змиите.
Вистинско крзно веќе отсуствува на ревиите во Лондон од 2018 година.
Групата за права на животните ПЕТА ја поздрави одлуката како „огромен чекор напред“ и ги повика Париз и Милано да го следат примерот на Лондон.
За време на последната модна недела во Париз на крајот на септември, ревијата на Хермес накратко беше прекината од активисти на оваа организација кои држеа знаци против употребата на егзотична кожа.