Овој викенд се префрливме од летно на зимско сметање на времето, враќајќи го часовникот назад. Иако ќе спиеме еден час подолго, експертите предупредуваат на можни негативни ефекти, како што се зголемен ризик од сообраќајни несреќи и срцев удар. Стрелките се поместуваат од 3:00 на 2:00 часот, додека нашите електронски уреди автоматски ќе го приспособат времето.
Промената на времето може негативно да се одрази на нашето тело, пред се поради нарушување на деноноќниот ритам, што може да предизвика проблеми со спиењето кои траат неколку недели. Имајќи предвид дека многу од нас веќе имаат потешкотии со спиењето, важно е да се внимава на релаксација пред спиење.
Како резултат на овие промени може да настанат и нарушувања на расположението, што може да доведе до депресија и изолација од најблиските. Покрај тоа, луѓето може да имаат помалку енергија за секојдневните задачи.
Исто така, преминот кон зимско сметање на времето може да влијае на здравјето на срцето, особено кај луѓето со срцеви проблеми, бидејќи нарушувањето на ритамот може да го зголеми нивото на кортизол, што е поврзано со ризикот од срцеви заболувања.
Децата исто така можат да бидат погодени од оваа промена, да се чувствуваат збунето и да имаат потешкотии да се концентрираат, но обично им требаат неколку дена за да се прилагодат.
За да ја олесните транзицијата, препорачливо е постепено да го прилагодувате дневниот распоред и да избегнувате прекумерна употреба на сина светлина пред спиење. Исто така, суплементацијата со витамин Д може да помогне во одржувањето на нивото на енергија.