Природата ни дала сè за секој ден да бидеме здрави и убави, ние само треба да научиме да ги користиме тие дарови. Домашниот лосион од краставица е спас за масната кожа на лицето, бидејќи ефикасно се бори со покаченото ниво на себум и внимателно ја суши. Овој лосион одлично ја хидратира и тонира кожата, ја храни, ги ублажува воспаленијата, ги намалува порите и го подобрува тенот. Совршено ќе одговара и за оние кои сакаат да ги отстранат досадните црнки и акни од лицето.
За подготовка на лосионот ќе ви бидат потребни свежи краставици и 72% алкохол (или домашна ракија). Најдобро е краставиците да бидат домашно одгледани, кои не се прскани со разни хемикалии и препарати.
- Земете една до две краставици и измијте ги. Исецкајте ги заедно со лушпата или пак изрендајте ги на ренде.
- Ставете ги во стаклена тегличка и прелијте ги со алкохол (ракија) во размер 1:1. Значи, ако имате една чаша изрендани краставици, прелијте ги со една чаша алкохол.
- Затворете ја теглата со капаче и оставете ја на топло, сончево место во текот на следните 12 до 13 дена.
- Потоа процедете го лосионот и чувајте го во фрижидер.
Користете го лосионот секое утро и навечер, после миење на лицето. Може да го користите и во текот на денот за бришење на лицето. Подобрувањето се забележува после 2-3 недели од користењето.
Ако имате нормален или комбиниран тип кожа, овој лосион ќе биде идеален за вас доколку го „разблажите“ со дестилирана вода (во готовиот лосион додајте ја истата количина вода, како краставицата и алкохолот).