Првиот трејлер за третата сезона на наградуваната серија на HBO „The White Lotus“ ветува исто толку интриги, сатира и интересни социјални критики како и претходните две. Овој пат, по Хаваи и Сицилија, патуваме за Тајланд, а откриено е кого ќе гледаме како ужива во лудите забави и медитации во одморалиштето White Lotus. Во трејлерот ги гледаме Џејсон Ајзакс, Волтон Гогинс, Кери Кун, Лесли Биб, Мишел Монаган, Патрик Шварценегер и многу други кои, како што вели будистичкиот монах во трејлерот, „бегаат од болка кон задоволство, но на крајот наоѓаат само повеќе болка“. Во третата сезона се враќаат и миленикот на публиката од Хаваи – Наташа Ротвел, која повторно ќе ја глуми масерката Белинда – овојпат во Тајланд на програма за размена, и Лалиса Манобал, раперката попозната како Лиса и тајландска членка на К-поп сензацијата Blackpink, која ќе глуми вработена и танчерка во одморалиштето.
Секако, судејќи по трејлерот, со нетрпение ќе го очекуваме откривањето на тоа кој нема да го напушти овој луксузен ресорт жив оваа сезона. Креаторот на серијата Мајк Вајт претходно најави дека третата сезона ќе ја истражува смртта и фасцинацијата со источната духовност.
„Првата сезона беше фокусирана на парите, втората на сексот, а третата ќе биде сатиричен и хумористичен поглед на смртта и духовноста“, изјави тој за HBO. Новата сезона беше снимена минатата пролет во одморалиштето Forus Seasons Koh Samui и на локации во Пукет и Бангкок.
Серијата „The White Lotus“ освои бројни награди – само за првата сезона освои 10 Еми награди, додека втората сезона заработи пет, вклучувајќи ги и оние за најдобар ансамбл и најдобра драмска актерка – миленичката на публиката Џенифер Кулиџ. Секако, поради сето ова, се очекува многу од третата сезона, а дали Вајт повторно ќе сервира телевизиско уживање ќе дознаеме на 16-ти февруари кога приказната од Тајланд ќе пристигне на Макс.