Актерката Скарлет Јохансон рече дека е „шокирана“ и „бесна“ откако лабораторијата за истражување на вештачка интелигенција OpenAI произведе синтетички глас што „морничаво наликува“ на нејзиниот во ChatGPT, алатка за обработка на природен јазик и вештачка интелигенција.
Актерката претходно одби да соработува со компанијата OpenAI на ваков проект.
OpenAI објави по реакцијата на Јохансон дека ќе ја „паузира“ употребата на еден од гласовите во ChatGPT што личи на глас на холивудската актерка.
Некои корисници коментираа за сличноста помеѓу гласот на познатата актерка и една од гласовните опции наречени Sky што се наоѓаат во апликацијата.
„Слушнавме прашања за тоа како ги избравме гласовите за ChatGPT, особено за Sky. Работиме на паузирање на користењето на опцијата Sky додека ги обработуваме овие барања“, објави OpenAI на платформата X.
Во септември, извршниот директор на вештачката интелигенција Сем Алтман ѝ понуди на актерката да работи за нив и да го позајми гласот на системот ChatGPT затоа што сметаше дека нејзиниот глас ќе има „успокојувачки“ ефект врз луѓето кои не се чувствуваат удобно со технологијата, но Јохансон одби по внимателно разгледување.
Девет месеци подоцна, додава таа, нејзините пријатели, семејството и публиката забележале како најновиот систем звучи како неа.
„Кога го слушнав објавеното демо, бев шокирана, бесна и со неверување што Алтман продолжи да создава глас што звучеше морничаво како мојот до таа мера што моите најблиски пријатели и семејството не можеа да ја забележат разликата“, рече Јохансон.
Таа додава дека OpenAI „неволно“ се согласиле да го отстранат Sky откако најмила адвокати.
OpenAI тврди дека Sky не е имитација на Скарлет Јохансон, туку припаѓа на професионална актерка која го користи својот природен глас, но дека не може да го открие нејзиното име од причини за приватност.
Во 2013 година, Јохансон ѝ го позајми гласот на компјутерска програма во футуристичката љубовна драма „Her“, во која херојот, кој го игра Хоакин Феникс, се заљубува во компјутерска програма поради нејзиниот заводлив, секси глас.