Познатиот холивудски актер Бред Пит, по успешните филмови „Inglоrious Bastаrds“ и „Once Upon a Time… in Hollywood“, кои му донесоа и Оскар за најдобра споредна машка улога во 2020 година, повторно ќе соработува со талентираниот режисер Квентин Тарантино.
Според американските медиуми, ова познато дуо би требало да ги здружи силите во филмот „The Movie Critic“. Според најавите, тоа ќе биде и последен филм на Тарантино во неговата режисерска кариера, а треба да излезе на крајот на 2025 година. Дејството на „The Movie Critic“ ќе се одвива во Јужна Калифорнија, во 70-тите години на минатиот век, а главна ѕвезда ќе биде циничен филмски критичар кој пишува за измисленото порно списание The Popstar Pages. Се шпекулира дека главниот лик, кој е напишан според вистински настани, треба да го игра 60-годишниот Пит.
“Мислам дека беше многу добар критичар. Беше многу смешен во критиките и во исто време многу директен. Пцуеше, ги озборуваше луѓето, но сè на сè напиша многу добри критики”, 60-годишниот режисер изјави за Entertainment Weekly минатата година.
Квентин со години кажува дека по неговиот десетти филм (ако „Kill Bill“ и неговото продолжение го броиме како еден филм) ќе се пензионира, а честопати нагласуваше дека мисли дека режисерите во подоцнежните години не снимаат добри филмови. Сепак, тој истакна дека можеби ќе режира и пишува сценарија за телевизија и театар. Тарантино може да се пофали и со две објавени книги – „Cinema Speculation“ и романот „Once Upon a Time in Hollywood“, која се базираше на истоимениот добро познатиот филм.