„Како да го убиеш сопственото семејство“ е урнебесно забавна приказна за психопат кој ги освои светските топ листи и еднаш беше прогласен за бестселер на Sunday Times. Како што се случува во последно време, оваа хит книга ќе ја добие и својата верзија на екранот и тоа на платформата Нетфликс.
Романот на британската писателка и новинарка Бела Меки ја раскажува приказната за Грејс Бернард. Иако на прв поглед изгледа како многу едноставна ќерка, сестра и пријателка, таа всушност е сериски убиец. Во еден период од животот изгубила се и сега единствено што сака е одмаздата. Сепак, она што не го очекувала е да заврши во затвор за злосторство што не го направила.
Оваа мрачна сатира за кратко време стана еден од најчитаните романи, а не само читателите, туку и колегите писатели покажаа ентузијазам за неа. Еден од нив беше популарниот автор на криминалистички романи Ричард Осман. „Ја обожавам оваа книга“, рече тој, додека исто толку познатата Џоџо Мојс изјави дека споменатиот роман буквално и ја вратил желбата за читање.
Адаптацијата на хит книгата ќе има осум епизоди, а главната улога во серијата ќе ја толкува актерката Ања Тејлор-Џој, која светската слава ја стекна токму со појавувањето во серијата на Нетфликс „Queen’s Gambit“. Покрај тоа, талентираната 28-годишна девојка ќе ја преземе и улогата на еден од продуцентите. Иако се уште не е познат точниот датум на пристигнување на серијата на малите екрани, едвај чекаме да ја погледнеме!