Фотографијата, која ја доби наградата People’s Choice за најдобра фотографија од природата, е и потсетник на кревкоста на нашата планета, штетните ефекти од глобалното затоплување и губењето на живеалиштата за многу животински видови.
Фотографија од млада поларна мечка како дреме на остатоците од малата санта мраз што се топи, ја доби наградата на People’s Choice за најдобра фотографија од природата. Натпреварот секоја година го организира Природонаучниот музеј во Лондон.
Заспаната мечка беше фатена на камера од британскиот аматерски фотограф Нима Сарихани во близина на норвешкиот архипелаг Свалбард, кој се наоѓа во внатрешноста на Арктичкиот круг, на околу 800 километри од Северниот пол.
Фотографијата која ги обиколи социјалните мрежи налути многумина, но носи и силна порака. „Потресната и трогателна фотографија на Нимо ни овозможува да ја видиме убавината и кревкоста на нашата планета“, рече Даглас Гур, директор на Природонаучниот музеј во Лондон. „Неговата фотографија која предизвикува размислување е моќен потсетник за нераскинливата врска помеѓу животното и неговото живеалиште и служи како визуелна претстава за штетните ефекти од глобалното затоплување и губењето на живеалиштата“, додаде тој во изјавата за Live Science.
Климатските промени се сметаат за најголема закана за опстанокот на поларните мечки во дивината, бидејќи морскиот мраз од кој зависат овие животни се топи поради зголемените температури. Поларните мечки се на Црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за зачувување на природата и природните ресурси (IUCN). Околу 26.000 поларни мечки сè уште живеат во дивината.